Skip to content

СОВЕТУВАЛИШТЕ

Што е психолошка поддршка?

Психолошката поддршка подразбира: психо-едукација, советување и психотерапија. Психолошка поддршка пружаат психолози, психотерапевти и психотерапевти под супервизија.
Психологот го поддржува клиентот во неговото настојување подобро да се разбере себе и ситуацијата во која се наоѓа и реши одредени дилеми во врска со сопственото функционирање. Поддршка во соочување со одредени ситуации, подобро согледување на личните потешкотии, подобра комуникација, развивање на личните потенцијали, а со тоа и јакнење на самодовербата. Основна цел на психолошката поддршка е клиентот да биде слушнат, разбран и прифатен таков каков што е.

Психолошкото советување е процес во кој клиентот има можност да го види и согледа сопствениот живот на поинаков начин, да постави одредени цели и се насочи кон нивно остварување. Вклучува пружање на поддршка од страна на психологот, како и примена на соодветни техники, со цел да поттикнат промена кај клиентот.

При психолошкото советување се работи на различни теми: комуникациски вештини, соочување со стрес и негово надминување, унапредување на односите, планирање на времето, разбирање на своите потреби и емоции. Според Британската асоцијација за психотерапија: “Советувањето е начин за донесување на избори или промена или редуцирање на конфузијата. Не вклучува давање совети или насочување на клиентот на некоја специфична активност. Советникот не суди и не ги искористува своите клиенти на било кој начин“.

Психотерапијата е процес во кој терапевтот го поддржува клиентот во неговиот личен раст и развој преку дијалог, примена на соодветни техники за соочување со сопствените потешкотии и начини за нивно надминување. Намeнета e за оние кои што сакаат цел живот да растат и имаат одговорен однос кон себе. Семантички гледано зборот psycha (грчки ψυχή – психа) значи душа, a зборот therapy значи лечење, од каде произлегува дека психотерапијата е лечење на душата.

Тоа е процес во кој се воспоставува искрен, човечки однос помеѓу терапевтот и клиентот или група на клиенти кој се состои од низа вербални и невербални техники кои имаат за цел да поттикнат подобро ментално функционирање или намалување на симптомите.

Психотерапијата е наменета на оние кои:

  • Подолго време се соочуваат со одредени потешкотии или проблем кој не можат сами да го решат;
  • Се чувствуваат анксиозно и депресивно;
  • Се наоѓаат во кризни периоди од животот (соочување со смрт, развод, потешкотии во одредени развојни периоди, проблеми со здравјето, проблеми во функционирањето и др.);
  • Сакаат да ги освестат несвесните начини на реагирање;
  • Имаат чести главоболки, несоница, болки во стомак;
  • Доживеале траума;
  • Постојано се загрижени за себе или за своите најблиски;
  • Сакаат да работат на себе, да ги откријат своите потенцијали, да пронајдат нови начини на мотивација и нови увиди за себе.

Ефекти од психотерапијата:

  • Со стекнувањето увид и развивање на свесноста за чувствата, мислите, фантазиите, очекувањата и начините на однесување, личноста усвојува здрави начини на однесување;
  • Се зголемува самодовербата;
  • Елиминирање на одредени симптоми;
  • Растеретување на напнатоста и внатрешниот притисок;
  • Подобро себеразбирање;
  • Препознавање на мислите и однесувањата кои штетно влијаат;
  • Зголемување на задоволството во животот.

Психотерапијската средба се нарекува сеанса и трае од 45 до 60 минути, во безбедна, сигурна и неосудувачка средина. Психотерапевтот е должен да ги почитува етичките принципи и да обезбеди интимнoст и тајност на информациите.

Постојат повеќе видови на психотерапија. Во нашиот центар се применува Гешталт психотерапија која нејзиниот основач Фриц Перлс ја нарекува Терапија.

Фокусот е на целиот поединец, а покрај вербалната комуникација се користи и невербалната односно говорот на телото. Терапевтот инсистира клиентот повторно да ги доживее своите потешкотии и проблеми овде и сега: своите осети, мисли, чувства, тело, соништа..

На телесните манифестации им се придава големо значење затоа што тие ја зборуваат вистината (Перлс).

  • Основно е клиентот да биде сослушан, разбран и прифатен, таков каков што е;
  • Aктивен однос клиент-терапевт, со свесност, контакт, дијалошки Јас – Ти однос, овде и сега;
  • Нема проценување, интерпретација, се верува на моменталното искуство;
  • Tерапевтот не дава совети, туку го посматра однесувањето Што и Како.

“Живееме во куќа од огледала и мислиме дека гледаме надвор низ прозорците.”

ФРИЦ ПЕРЛС