Гешталт терапијата е хуманистичка, холистичка, феноменолошка, егзистенцијалистичка, дијалошка, ориентирана на процесот. Ја основале Фриц и Лора Перлс во текот на 1940 год. Припаѓа во групата на хуманистичко ориентираните психотерапии таканаречена “трета сила”, кои ги истакнуваат здравите аспекти на личноста.
Кога се зборува за Гешталт терапија секогаш се мисли на раст и развој на личноста, пронаоѓање на поддршката во себе и своите потенцијали за нови решенија и нови погледи на ситуацијата.
Гешталт е германски збор, значи облик, форма, конфигурација, целовитост, потполност на формата. Има слично значење на Јинг–Јанг обликот во источната филозофија, каде едниот го одредува обликот на другиот, односно двата се неопходни за формирање на целина.
Однесувањето на единката е организирано од најбитните организмички потреби. Организирачка фигура е некоја доминантна потреба која бара задоволување, што е можно само во контакт со средината, преку одредено сензомоторно однесување. Кога потребата е задоволена гешталтот е комплетен, затворен, дозволувајќи да се јави нова потреба, се развива хиерархија на потребите. Кога личноста е добро интегрирана овој процес тече постапно, постојано се формираат нови фигури. Тоа е процесот на организмичка саморегулација.
Кога формирањето и разбивањето на гешталти е блокирано или отежнато, во било која фаза, а потребите не се препознаени, се пореметува односот организам–средина. Незадоволените потреби формираат некомплетни гешталти, кои го привлекуваат вниманието и бараат да бидат завршени. Се јавува пореметена или неуротска саморегулација.
Гешталт терапијата ја дефинираат три принципи:
- Гешталт терапијата е феноменолошка, нејзина единствена цел е свесност, а нејзина методологија е свесноста;
- Гешталт терапијата во потполност се базира на дијалошкиот егзистенцијализам, на Јас–Ти контакт–повлекување;
- Гешталт терапијата се базира на холизмот и теоријата на полето. (Полето е динамичен систем, односно целина, каде промените во било кој негов дел влијаат на целината.) Човекот е целина од тело, мисли, чувства, однесување.
Основни теоретски компоненти и претпоставки за човекот според Пасонс:
1.Човекот е целина и претставува: тело, емоции, мисли, осети и перцепции, коишто се во меѓусебно делување.
2.Човекот е дел од средината и неможе да посматра надвор од неа.
3.Човекот е повеќе проактивен од реактивен, тој ги избира своите реакции на надворешните и прориоцептивните дразби.
4.Човекот е способен да биде свесен за своите осети, мисли, чувства и перцепции.
5.Човекот е способен да прави избори затоа е одговорен за своето прикриено или очигледно однесување.
6.Човекот има потенцијали за да живее ефикасно и ги задоволи неговите потреби потпирајќи се на себе.
7.Човекот може да се доживее себе си само во сегашноста. Минатото и иднината се доживуваат во сегашноста само низ сеќавањет или предвидувањето.
8.Човекот во суштина не е ни добар ни лош.
Основни поими во Гешталт терапијата
Фигура – е доминантната потреба или акција која може да биде свесно доживеана или не. Таа е фокус на вниманието и ги енергизира процесите. Фигурата е јасна, ограничена и се истакнува како комплетна слика.
Позадина – е без граници и форма, не е јасна и не привлекува внимание. Нејзината сила е во плодноста, се што се наоѓа во позадина може да стане фигура. Позадина може да помогне или одмогне во задоволувањето на доминантната потреба.
Свесност – е облик на доживување на искуството, што се доживува овде и сега. До колку е базирана на доминантната потреба на организмот и прима енергија од организмот за задоволување на потреба таа е ефикасна. Свесноста не е комплетна до колку нема директно знаење за реалната ситуација или субјективно доживување на таа ситуација.
Функционалната свесност е еднаква на одговорноста. Свесната личност може да одговори само на она за што е свесна, односно не може да одговори за она за што не е свесна.
Граници – границите не делат од околината. Разликуваме физички и психички граници. Физичките граници полесно се дефинираат од психичките, до колку границите се премногу попустливи водат во симбиоза и конфлуенција, односно во изолација, ако се ригидни. Важно е да се препознаваат и почитуваат како своите така и туѓите и свесно да одлучиме како и со кој ќе ги отвараме или затавараме, одлучувајќи свесно да влегуваме и излегуваме од контакт.
Отпори – се нешто за што не сме свесни, а што ни го отежнува растот и развојот. Терапевтот треба да ги открива без негирање и кршење.
Поларитети – се процеси со кои единката ги организира и симболизира ставовите за себе и за светот. Одредување на категории, во кои се класифицираат настаните или перцепциите: пријатно-непријатно, љубов-омраза, јас-не јас. Поларизацијата и помага на личноста во утврдувањето на нејзиниот однос кон себе и надворешниот свет. Ригидната поларизација ја попречува и осиромашува личноста, сведувајќи ги нејзините доживувања на црно или бело. Рамнотежата се постигнува со прифаќање на двете крајности од кои секоја си има своја вредност.
Контактот – е точка на допир на две граници. Јас и Не јас.
Според Перлс контактот е орган на сретнувањето, односно поврзување со средината.
Контактот е средба со себе, другите и со околината. Тоа е темел на односите со кој луѓето растат и го градат својот идентитет. Се остварува со гледање, слушање, мирисање, допир, движење, со употреба на сите сетила. Добриот контакт подразбира интеракција со природата и луѓето без губење на индивидуалноста. Контактот е поттикнат од потребата со нејзино задоволување доаѓа до повлекување и асимилација, пратен е со возбудување и енергија. Низ ефикасниот контакт личноста расте и се развива.
Предуслов за добар контакт е јасна свесност, слободна енергија и способност за себе изразување.
После контактот доаѓа до повлекување и интеграција на наученото.
Избегнување на контактот води во изолација, вклучувањето во контакт води до краткотрајно губење на идентитетот, додека здравјето во средината подразбира слобода и можност за една и друга опција.
Дијалог – е посебен вид на контакт најпримерен феноменолошко – егзистенцијален психотераписки однос кој во себе содржи признавање и почитување на другата личност. Дијалог е заснован на автентичноста на личностите во процесот на контактирање, вклучува признавање и почитување на другата личност.
Цел на Гешталт терапија
Хуманистичкиот аспект на Гешталт терапијата верува дека секој човек има природна тенденција за самоактуализација, раст и развој. Секој е индивидуа за себе и има право на сопствен избор и способност за интеграција. Па оттаму се дефинираат и целите на Гешталт терапијата:
- Оспособување на на човекот да ги користи сите свои потенцијали, да ги развива и да ги употребува за постигнување на потпол, ефикасен и среќен живот, според Фриц Перлс;
- Зголемување на човечките потенцијали преку процесот на интеграција со давање поддршка на суштинските интересирања и потреби на личноста, според Лора Перлс;
- Созревање и понатамошен развој на човекот, промена од поддршка од околината во подршка во самиот себе.
Тераписки процес
Гешталт терапијата гледа на човекот како на организам, целина, систем па во во тераписката работа вклучува вербално доживување, комуникација што вообичаено се нарекува работа на телото. На телесните манифестации им се придава големо значење затоа што тие ја зборуваат вистината (Перлс). Терапевтот инсистира клиентот повторно да ги доживее своите потешкотии и проблеми овде и сега: своите осети, мисли, чувства, гестови – да ги доживее што попотполно и да ја преземе одговорноста за избор. Нaгласокот се става на директниот (автентичен) контакт помеѓу терапевтот и клиентот, искуството сега и овде, активно експериментирање, одговорност за себе и своите реакции, освестување, доверба и взаемен однос.
Гешталт тераписката работата се темели на следните правила:
- Насоченост на овде и сега,
- Јас–Ти директен контакт (терапевт-клиент),
- Говор Јас, наместо тоа (јазик на одговорност),
- Континуум на свесност.
Почетна и основна цел во тераписката работа е освестување на она што го чувствува клиентот во контактот со себе и околината. Клиентот учи да ја користи свесноста во функционирањето на организмот како целина.
Освестувањето вклучува:
- Увид,
- Прифаѓање на себе,
- Познавање на околината,
- Одговорност за изборите и
- Способност за контакт.
Ова значи дека терапискиот процес е:
- Феноменолошки – се работи на доживувањето овде и сега, на она што е очигледно и видливо она што се чувствува.а не само она што го зборува клиентот. Вниманието е на личноста во целина. За да се затвори гешталтот клиентот треба да осети, доживее, искуси односно “да сработи”.
- Егзистенцијален – го нагласува процесот на постоење, стварање и откривање на себе. Користење на јазик на одговорноста.
- Искуствен – промената настанува од искрениот контакт клиент – терапевт и насоченоста на процесот, а не на содржината.
- Парадоксалната теорија – промената ќе се случи кога ќе сфатиме и се прифатиме какви сме, а не кога се обидуваме д бидеме она што не сме.
- Терапевтот не работи според утврден план, клиентот и терапевот меѓусебно си делуваат.
- Терапевтот го учи клиентот како да ја применува свесноста во секојдневното живеење, а не го учи каков треба да биде.
- Во терапијата нема доминација, спасување или ограничување, терапевтот реагира на “танцот на клиентот’.
Фриц Перлс истакнува дека најважно е клиентот да се врати кон сетилата – да го види она што постои, а не она што сака да го види. Според негo терапевтот може да постигне успех во работата со клиентот ограничувајќи се на неколку прашања:
- Што правите сега
- Што чувствувате
- Што сакате
- Што избегнувате
- Што очекувате
Тераписки однос
- Активен пристап клиент-терапевт, со свесност, контакт, дијалошки Јас- Ти однос овде и сега .
- Нема проценување, интерпретација, се верува на моменталното искуство
- Терапевтот не дава совети, не интерпретира туку го посматра однесувањето Што и Како
- Терапевтот ги дели своите запазувања,предлага експерименти, дава фидбек
- Терапевтот дава поддршка, но и го фрустрираклиентот во интерес на терапијскиот процес
- Терапевтот е еден вид на катализатор во воспоставувањето на саморегулацијата на клиентот
Техники
Претставуваат процес на откривање низ директно искуство и експериментирање со што личноста ги проширува своите граници. Техниките подразбираат континуум на свесноста, дијалог, играње на улоги, експеримент, работа на тело, дишење, глас, движења, визуализации, празна столица, сон, цртеж, експресија итн.
Животната филозофија на која се темели Гешталт терапијата
- Живеј сега, во секој момент, а не во минатото или иднината
- Живеј овде, во допир со она што е пред тебе, што непосредно го гледаш
- Престани да се препушташ на твоите фантазии, почувствувај допир со реалниот свет;
- Доживеј го допирoт со реалниот свет, со средината каква што е, а не каква што би сакал да биде;
- Живеј со сите свои сетила и почувствувај што тие ти овозможуваат, не ги преценувај мислите искуството е по значајно;
- Прифати ги сите свои чувства и изрази ги, не ги оправдувај, нити објаснувај, биди поштен кон себе и другите;
- Прифати ја рамноправноста на твоите чувства, препушти се на болката и неугодните чувства како што се препушташ на радоста;
- Не се покорувај на треба и мора, прифати ги сопствените импаративи за кои си спремен да преземеш одговорност кои за тебе имаат внатрешна смисла.
- Преземи целосна одговорност за себе и своите мисли, чувства и постапки – не манипулирај со себе со стеснување на свесностa, рационализации, очекувања, проценувања и искривувања ;
- Прифати се себе си таков каков што си сега и другите какви што се.
ГЕШТАЛТ МОЛИТВА
Јас сум Јас, а ти си Ти.
Јас го правам моето, а Ти го правиш твоето.
Јас не сум на овој свет да ги исполнувам твоите очекувања, нити си ти да ги исполнуваш моите.
Ако успееме да се најдеме еден со друг тогаш може да ни биде добро.
Ако не, тука ништо не се може.
“Нашето зависење од другите прави робови од нас, особено ако оваа зависење ни треба за да имаме самодоверба.
Ако ви треба охрабрување, пофалба, тапкање по рамо од сите, тогаш другите ги правите ваш судија.”
ФРИЦ ПЕРЛС