Skip to content

Уметноста на живеењето

  • by

На 30.06.2023 во КИЦ – Офицерски дом Битола се одржа промоција на зборникот „Уметноста на живеењето“ по повод јубилејот 25 години Гешталт терапија во Битола. Тој претставува збир од 11 трудови од автори кои се Гешталт терапевти и едуканти. Издавач на Зборникот е Центарот за личен развој, едукација и психотерапија „Анима“, чиј основач е истакнатиот психолог, психотерапевт и сениор тренер, Вера Димовска, а промотор на истиот беше Проф. Д-р. Сашо Кочанковски. Автори на трудовите се: Валентина Кимовска, Благица Ризовска Ваниќ, Мирослав Пендаровски, Катица Милошевска, Сашо Кочанковски,Марија Димовска, Цветанка Буржевска, Александар Милевски, Јовче Крстески, Марина Кузмановска, Љупчо Кимовски, Камелија Илиева, Верица Бакулевска, Рената Димановска и Елена Милошевска.

Настанот беше одбележан и со пригодни читања на дополнителни креативни дела на едукантите, така Рената Димановска читаше своја поема која ја напишала инспирирана од искуствата со Гешталт терапијата насловена „Во четири очи“. На крајот од презентацијата Камелија Илиева читаше извадок од нејзиниот есеј кој е дел од теориската подговтовка на едукантите, насловен „Моето искуство со Гешталт терапијата и придобивките за личен раст и развој“.

Централниот дел од презентацијата беше посветен на самиот Зборник, низ видувањето на Проф. Д-р. Сашо Кочанковски кој е еден од првите едуканти, во првата група на Гешталт едуканти од Битола. Тоа беше група на психолози кои започнаа да го изучуваат Гешталтистичкиот пристап уште во почетокот на ’90-ите години во Битола, под водство на Спец. кл. психолог и гешталт психотерапевт, Проф. Младен Костиќ.

Проф. Д-р. Сашо Кочанковски нагласи дека зборникот всушност претставува жив артефакт од одбележувањето на овој јубилеј, кој се случи минатата година со истоимената Конференција, кога се собраа повеќето Гешталт психолози од таа прва група, други психотерапевти од нашата држава, како и младите едуканти кои во овој период се дел од Анима Центарот.

Во последниот дел од презентацијата, Јовче Крстески ги презентираше основните статистички трендови ( врз база на едноставни статистички анализи на навиките на клиентите, возраст, пол, теми кои се повотруваат и слично) кои во изминатиот период од една година побарале совет од психолозите, едукантите и терапевтите во Анима – Центарот во Битола. Со тоа се заокружи целокупниот настан, со што се одбележа едно продолжување на научната традиција која овој град ја негувала едно време, но во меѓувреме можеби и ја подзаборавила…

Прилог за целиот настан направи и МРТВ, кој можете да го погледнете тука.

Настанот беше реализиран во соработка со КИЦ Офицерски Дом – Битола. Модератор беше Александра Алексијевска.

Leave a Reply

Your email address will not be published.